Се враќаат старите имиња на улиците во Скопје: „Аминта Трети“ ќе биде „Ленинова“,улици ќе добијат и Есма и Медена земја

На седницата што ќе се одржи во вторник, наредната недела, Советот на Град Скопје ќе расправа за дополнување на регистарот на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје со нови 571 предлог.

Tогаш повторно ќе се вратат старите имиња на улиците –  „Бихаќка“, „Водњанска“, „Железничка“, „Каирска“, „Ленинова“, „Првомајска“, „Иво Лола Рибар“, „4 Јули“, „29 Ноември“ и други. Овие улици,  на кои имињата им беа променети од претходното градско раководство, ретко беа употребувани и граѓаните ги користеа старите називи.

– Едно од моите предизборни ветувања беше враќање на идентитетот на Скопје. Ги враќаме старите имиња на добро познатите скопски улици, напиша градоначалникот Петре Шилегов на Фејсбук.

На списокот има имиња на повеќе македонски актери, писатели, уметници, историски личности, градоначалници на Скопје, спортисти и значајни личности на светско ниво. 

Меѓу предлозите за именување на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти се имињата на: Неџат Аголи – учесник во НОБ, политичар и командант на четвртата албанска бригада, Кројач Ангелковски – еден од најпрепознатливите кројачи во Скопје, македонскиот актер Владимир Ангеловски –Дади, потоа Аполо 11- мисијата од програмата Аполо со која во 1969 година, човекот стапнал на месечината, космонаутот Нил Армстронг кој бил командант на мисијата Аполо 11 и бил првиот човек што стапнал на месечината.

На листата се наоѓа и Безвременски градски парк за сите генерации, рок групите Бис Без, Леб и сол, Лева патика, потоа англискиот музичар и глумец Дејвид Боуви. Како предлог за име на плоштад, како синоним за место каде ќе се случуваат убави настани на листата е и името Вера, Љубов, Надеж, Медена земја, како и многу други.

 

– Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности од кои 79 се имиња на жени, додека останатите 92 имиња се имиња на поими што означуваат поважни настани, топоними и други поими, објаснуваат од Градот.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.02.2021 - 13:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега