Независниот синдикат на „Паркови и зеленило“ соопшти дека протестите ќе продолжат и во наредните денови, бидејќи вработените сè уште не ја добиле платата за септември, иако тоа им било ветено на денешниот состанок со директорот на претпријатието.
– „Платата за месец септември сè уште не е исплатена на вработените во Ј.П. „Паркови и зеленило – Скопје“. Ова претставува продолжување на серијата доцнења и игнорирање на основните работнички права, вклучително и неисплатени плати за претходни месеци, јубилејни награди, бонус плати, К-15 и здравствено осигурување. Протестите продолжуваат и во наредните денови, сè додека не биде исполнета барем една од поставените цели. Работниците нема да отстапат од своите барања, а синдикатот останува доследен во борбата за достоинствена исплата и правичен третман“, велат од Синдикатот.
Денеска, претседателот на Синдикатот Горан Ристески изјави дека на состанокот со директорот им било посочено дека „се очекува во текот на денот да бидат префрлени пари на сметка на претпријатието и дека ќе биде исплатена септемвриската плата“.

