Со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство денеска продолжи судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се одвива во затворената судница во „Идризово“.
На денешното рочиште беа повикани пет сведоци предложени од Обвинителството, од кои четворица беа присутни. Јавниот обвинител најави дека на крајот од рочиштето ќе се произнесе пред Судот во врска со сведоците со кои не успеал да стапи во контакт, за да се утврди можноста да бидат повикани со судска наредба.
Претходно, Судот го побара Обвинителството да се изјасни по барањето на Љупчо Папазов за укинување на мерката притвор и за утврдување мерки на претпазливост, а јавниот обвинител побара да се произнесе на следната главна расправа, образложувајќи дека во овој момент „ги немаме сите информации“.
На претходното рочиште сведочеше претставник на групата ДНК, кој објасни дека прскалките што биле користени на настапот биле купени легално во продавница во Кисела Вода, како и редовни гости на дискотеката, кои ги опишаа настаните во ноќта на 16 март минатата година, кога во пожарот загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, роднини на жртвите и јавноста. Постапката се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството е застапувано од тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката во Кочани избувна за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.


