Се распиша јавниот повик за изградба на хидроелектраната Чебрен: Инвестираме во сигурна енергетска иднина

Владата денеска го промовираше јавниот повик за доделување концесија за изградба на хидроелектрични централи на Црна Река, односно за изградба на хидроелектричната централа Чебрен. Во оваа пригода во присуство и на министерот за животна средина Насер Нуредини, се обратија премиерот Оливер Спасовски и генералниот директор на АД Електрани на  Македонија, Васко Ковачевски.

Премиерот Спасовски истакна дека Владата го трасира патот на енергетската транзиција со изградба на капацитети со доминантно производство на електрична енергија од обновливи извори и дека заедно со Електрани на Македонија, создаваат стабилна и сигурна енергетска иднина за земјата и за граѓаните.

Со оглед на тоа што во сите држави во регионот инвестициите во обновливи извори на енергија се зголемуваат, оваа хидроцентрала со својот капацитет ќе биде од огромно значење за балансирањето на електроенергетскиот систем на Република  Македонија и со своите услуги ќе биде значаен партнер во секундарната и терцијалната регулација и на регионалниот пазар.

„Јавниот повик се однесува на пројавување на интерес на заинтересирани компании кои ќе сакаат да го изградат ХЕЦ Чебрен во соработка со АД ЕСМ, преку моделот на јавно приватно партнерство. Од информациите што ги добив денес, веќе седум странски компании побарале да ја подигнат претквалификациската документација која во оваа фаза е бесплатна“, информираше Спасовски.

Во оваа пригода премиерот потсети на важноста на Стратегијата за развој на енергетиката, која претходната Влада во 2015 година, иако имаше законска обврска, не ја донесе. Не го донесе ниту законот за енергетика усогласен со третиот пакет на ЕУ Директиви, како ни законот за енергетска ефикасност. Токму поради тоа имавме неколку спорови пред Секретаријатот на енергетската заедница.

„Претходно, по налог на поранешната Влада, државните енергетски компании инвестираа во фасади, жичари и рајски паркови, а цената на електричната енергија ја зголемија за скоро 100%. Владата на СДСМ и коалицијата покажа дека работи домаќински. Енергетските компании ЕСМ и МЕПСО инвестираат во сериозни енергетски проекти кои обезбедуваат подобра и сигурна енергетската иднина на Република Северна Македонија“, подвлече премиерот.

Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски истакна дека Чебрен беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата за спроведување на овој голем проект во дело.

„Во план е Чебрен да биде јавно-приватно партнерство, во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата. Проценките се дека изградбата ќе чини најмногу 570 милиони евра, средства кои ќе треба да ги обезбеди приватниот партнер. Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 333 мегавати и годишно производство од 1000 гигавати електрична енергија. Наша обврска е изградбата на пристапниот пат до хидроцентралата и потоа приклучокот, односно трафостаницата. Како наш удел во новата заедничка компанија со приватниот партнер ќе биде внесена ХЕЦ Тиквеш, која е на истиот слив, односно на Црна Река и единствено можно е двете хидроцентрали, Чебрен и Тиквеш да функционираат во една целина бидејќи зафаќаат вода од исто течение и си влијаат една на друга“, информираше Ковачевски.

Во контекст на енергетската трансформација и чистите извори на електрична енергија, директорот на ЕСМ изрази оптимизам дека Чебрен ќе овозможи во иднина да сe намалува производството на електрична енергија од јаглен, и постепено да се замени со производството од оваа голема хидроелектрана.

„За споредба, цело ЕСМ денес произведува 4000 гигавати годишно. Кога Чебрен ќе почне да работи, годишната редукција на јаглерод диоксид ќе се намали за 913 илјади тони помалку, бидејќи 1000 гигават часови електрична енергија нема да се произведат од јаглен, туку од вода“, подвлече Ковачевски.

Тој најави дека заинтересираните компании ќе можат да се јават на јавниот повик до трети април, а тековните испитувања на пазарот на компании, спроведено од страна на Меѓународната финансиска корпорација, која е дел од Светска Банка, покажа дека сериозни компании од регионот и Европа се заинтересирани за изградба на Чебрен.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.02.2020 - 12:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега