Македонската православна црква и верниците денеска го одбележуваат празникот посветен на светите рамноапостолни цар Константин и царица Елена.

По повод празникот, во храмот „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје, кој ја одбележува првата годишнина од осветувањето, ќе биде отслужена Света архијерејска литургија. Со богослужбата ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на повеќе архијереи на МПЦ-ОА. Пречекот на архиепископот е закажан за 8:30 часот, а литургијата ќе започне во 9 часот.

Царот Константин Велики останал запаметен како првиот римски император кој го признал христијанството и со Миланскиот едикт во 313 година ставил крај на прогонот на христијаните во Римската Империја. Неговата мајка, царицата Елена, е почитувана поради својата побожност и придонесот во ширењето на христијанската вера.

Поради нивните заслуги, Црквата ги прогласила за светители и рамноапостолни, односно еднакви по значење со апостолите во ширењето на христијанството.

Именден денеска празнуваат: Костадин, Костадинка, Кочо, Константин, Елена, Ленка и други изведени имиња.

Празникот е проследен со бројни народни обичаи и верувања низ Македонија, а во повеќе храмови се служат свечени литургии во чест на светите Константин и Елена.

Под манастирот „Свети Наум Охридски – Чудотворец“, до самото езеро, има извор со лековита вода. Според верувањето оваа вода секогаш е лековита но најмоногу на празникот Св. Константин и Елена. Според едно предание свети Наум му рекол на таткото на една ќелава девојка да појди на денот Свети Константин и Елена под карпата каде што течела вода и да ја измие девојката. Така направил и таа веднаш оздравела, ѝ пораснала убава и густа коса. „Од тогаш на празникот на свети Елена и Костадин редовно идат луѓе да се мијат со водата од изворчето под карпите на манастирот „Свети Наум“. Таа вода е лекојта и друг пат, ама на празникот најмногу“, заклучува народниот раскажувач.

Exit mobile version