Православните христијани денеска го одбележуваат Рождеството на Пресвета Богородица, празник познат како Мала Богородица. Во храмовите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија се служат празнични литургии.
Во пресрет на празникот, синоќа во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во центарот на Скопје беше отслужена празнична вечерна богослужба, по што се одржа и литија со иконата на Пресвета Богородица – Троеручица, која пред две години беше донесена од светогорскиот манастир Хиландар.
Рождеството на Пресвета Богородица е првиот голем празник во новата литургиска година и во богослужбениот циклус на Православната црква.
Според црковното предание, Пресвета Богородица, Марија, била ќерка на праведните Јоаким и Ана. Тие долго време немале деца, но со молитва и вера го дочекале раѓањето на својата ќерка, која според христијанското учење требало да стане мајка на Исус Христос.
Празникот Мала Богородица има особено место и во македонската народна традиција. Пресвета Богородица се почитува како заштитничка на мајките и жените, особено на леунките, а народните верувања ја поврзуваат и со помош за семејствата кои немаат деца.
Низ Македонија постојат бројни цркви и манастири посветени на Пресвета Богородица, каде што на празникот се организираат богослужби, народни собири и други свечености. Меѓу нив се манастирот „Света Пречиста“ кај Кичево, манастирот во Матејче и Осоговскиот манастир.
Во народните преданија се споменуваат и повеќе чудотворни икони на Пресвета Богородица. Македонскиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков запишал бројни преданија поврзани со вакви икони, како и со верувањата и обичаите што се практикувале во различни краишта.
Во рамки на календарот на МПЦ-ОА, заедно со Рождеството на Пресвета Богородица денеска се одбележуваат и иконата на Пресвета Богородица во Калишта и иконата на Пресвета Богородица Почајевска.
Утре, 22 септември, Црквата го празнува споменот на родителите на Пресвета Богородица, праведните Јоаким и Ана.


