Се огласи невестата од Либан чие видео го обиколи светот: „Бев во шок, се прашував што се случува, дали ќе умрам“

Снимката од невестата од Либан, Исра Себлани, која во венчаница позирала за своите свадбени фотографии во моментот кога се случила експлозијата во Бејрут - го обиколи светот.

Во таа несреќа починаа најмалку 135 лица, а повредени се повеќе од 5.000.

Себлани, инаку докторка во САД, која пристигнала во градот неколку недели пред венчавката, му помогнала на еден повреден човек пред да побегне на плоштадот Саифи во Бејрут, пренесува „Гардијан“.

Два дена подоцна, таа и нејзиниот сопруг, 34-годишниот бизнисмен Ахмад Субеих и понатаму се обидуваат да се опорават од шокот.

„За овој голем ден се подготвував две недели и бев среќна како и секоја друга девојка. 'Се мажам'. Моите родители ќе бидат многу среќни кога ќе ме видат во венчаница, ќе изгледам како принцеза“, рекла таа за „Ројтерс“.

„Она што се случи за време на експлозијата не може да се опише со зборови. Бев во шок, се прашував што се случува, дали ќе умрам? Како ќе умрам?“, додала таа.

И Субеих се потсетува на моментите на експлозиите, чиј причинител најверојатно е складирањето на хемискиот амониум нитрат на пристаништето во Бејрут.

„Почнавме да трчаме наоколу, бев екстремно тажен, не може да се опише уништувањето и звукот на експлозијата“, рекол тој.

„Сè уште сме во шок. Никогаш не сум слушнал звук сличен на експлозијата“, додал тој.

После експлозијата се обиделе да се смират и да продолжат со прославата.

„Сопругот ми рече да продолжиме, дека не можеме да застанеме. Си помислив - зошто да не. Едноставно не уживав во моментот, беше само 'лице', усни кои се смеат, но тоа е сè. Потоа отидовме на вечера“, навела таа.

Нејзиниот сопруг се присетува на моментот кога во средата влегле во оштетениот хотел за да си ги земат работите и пасошите.

„Сцените беа неверојатни“, рекол мажот, кој чека виза за САД за да ѝ се придружи на својата сопруга.

Себлани го сака Либан, но чувствува дека после експлозијата во вторникот, живот таму повеќе не е опција.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.08.2020 - 12:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега