Се огласи Навални: Ме префрлија во најстрог затвор

 

Алексеј Навални, политичкиот опонент на Владимир Путин, на „Телеграм“ откри каде се наоѓа. Тој соопшти дека е префрлен во друг затвор и дека е во карантин.

Во објавата посочува дека е префрлен во затворот ИК-6, кој е максимално обезбеден, пренесува агенцијата АП. Затворот се наоѓа во селото Мелеково во Владимирската област, на околу 250 километри источно од Москва.

Затворот во кој сега се наоѓа Навални е 150 километри од строгиот руски казнено-поправен дом во градот Покрово. Таму затворениците мора да стојат со часови.

„Моето вселенско патување продолжува. Се селам од место до место. Затворен сум во најстрогиот затвор и сум во карантин“, напиша Навални, но не откри какви се условите во затворот.

Навални вчера исчезна од казнено-поправниот дом каде досега беше затворен, а неговиот тим соопшти дека не знаат каде се наоѓа. Навални беше уапсен минатата година кога се врати од лекување во Германија каде заврши откако беше отруен со „новичок“.

15.06.2022 - 23:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега