Се огласи косовската Влада со објаснување за акцијата во Митровица вечерва

Портпаролот на Владата на Косово, Перпарим Крејзиу, вечерва за Радио Слободна Европа изјави дека на северот на Косово е испратена „само полиција“, демантирајќи ги медиумските извештаи во Србија дека специјалните единици биле испратени на северот на Косово.

Косовската полиција најави дека во наредните денови ќе го зголеми присуството на север поради зголемените инциденти во тој регион каде живее мнозинската српска заедница.


„Се работи само за полицијата, не за која било друга единица“, изјави Крејзиу за РСЕ.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља на Фејсбук напиша дека полицијата има мандат и задача да обезбеди безбедност, да го гарантира редот и владеењето на правото.

„Последниве денови, по последователните вооружени напади врз полицајци и граѓани на северот на земјата, неопходно е да се зголеми присуството на полицијата за да се обезбеди безбедност за сите граѓани“, посочи Свечља.

Според сега официјалното соопштение на косовската полиција, во четвртокот на 8 декември е зголемено присуството на органите на редот на северот од земјата.

„Бараме од сите граѓани да останат смирени и да соработуваат со косовската полиција, која се залага за ред и безбедност на сите граѓани“, рече Свечија.

Повеќе од 200 вооружени специјални сили на косовската полиција, придружувани од оклопни возила, вечерва влегле во Митровица од Јужна Митровица, објави претходно порталот Косово онлајн.

Како што се наведува, тие се распоредиле околу периметарот на градот и го блокирале северниот дел на Митровица, а биле фрлени и две шок бомби, наводно, за да се обезбеди безбедност, јави репортерот на тој портал.

08.12.2022 - 22:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега