Се одложуваат сите рокови и отворени повици преку националните програми и ИПАРД 2 програмата

Сите сите рокови и отворени повици како за националните програми, така и за ИПАРД 2 Програмата во областа на земјоделството се одложуваат за времетраење на вонредната состојба во земјата поврзана со ширењето на коронавирусот, односно од денот на нејзино воведување до денот на завршување.

Како што информираше на денешната прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Динковски, за ова Владата вчера на седница донела Уредба.

– Со усвојување на оваа Уредба роковите за сите јавни повици за склучување на договори за финансиска поддршка за намалување на финансиска поддршка поради неисполнување на договорни обврски, роковите за реализација на инвестициите, за извршување на контроли на лице место кои истекуваат или ќе истечат за време на траење на вонредната состојба ќе бидат одложени. Ова е период кога се наоѓаме пред сериозен предизвик, справување со последиците од Ковид-19, глобалната пандемија ќе влијае врз економијата, вклучително и врз секторот земјоделство. Затоа наша обврска како Влада е да преземеме мерки со коишто ќе ги ублажиме последиците од пандемијата врз земјоделството и руралниот развој, рече Димковски.

Тој додаде дека се свесни оти отежнато се одвива реализацијата на инвестициите преку јавните повици од Националната програма и ИПАРД 2 Програмата, како и изработка на проекти за отворени повици, и се свесни колку се важни капиталните инвестиции за модернизирање и развојот на земјоделството. Затоа, како што рече, со цел да им се излезе во пресрет на сите земјоделци, стопанственици, локална самоуправа коишто во овој период се во фаза на инвестиции или подготвуваат проекти за аплицирање ги одложуваат роковите за да им овозможат да имаат квалитетни инвестиции и комплетни апликации за мерките.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка и развој на земјоделството, Николче Бабовски појасни дека согласно донесената Уредба, престанува да тече процесот за поднесување на барања за Мерка 1 – Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства од ИПАРД 2 Програмата. Огласот, рече тој, е отворен и требало да трае до 29 април, но заради вонредната состојба и неможноста апликантите да ја докомплетираат документацијата за аплицирање овој рок е стопиран. Продолжување на рокот за поднесување на барања ќе биде дополнително соопштен. Нови дополнителни рокови ќе добијат и апликантите кои веќе имаат склучени договори со Агенцијата и се во завршна фаза на реализација на проектите.

-На овој начин овозможуваме апликантите да ги избегнат можните последици околу неможноста навреме да ги соберат потребните инвестиции и да го реализираат својот инвестициски план, рече Бабовски.

Согласно владината Уредба престануваат да течат роковите за доставување на барање за финансиска поддршка и по ИПАРД 2 Програмата и по националните програми. Дополнителните рокови по престанок на вонредната состојба им се дава на роковите за одлучување по барања за одобрување на финансиска поддршка и исплата на поддршката, склучување на договори за финансиска поддршка, дополнување или дообјаснување на барања за финансиска поддршка, роковите за реализација на инвестициите, предмет на договорите за финансиска поддршка, извршувањето на контроли на договорите за финансиска поддршка чие време истекло во периодот на вонредната состојба.

– Роковите ќе продолжат да течат по завршувањето на вонредната состојба за што исто така дополнително ќе ве информираме. Преку овие сет мерки обезбедуваме услови за да ги отстраниме штетните последици кои би ги имале странките во постапката со губење на одредени права на финансиска поддршка поради неисполнување на законските рокови за набавка на опрема за која склучиле договори, а заради вонредната состојба и не по нивна вина не ги во можност да ги достават документите или да ги завршат проектите за кои потпишале договори. На овој начин сакаме да ве растеретиме од бркање на рокови и создавање на дополнителен притисок, рече Бабовски. додавајќи дека како Влада и како надлежни институции  прават се да им овозможат е еднаков и фер третман на сите заинтересирани за добивање на финансиска поддршка по сите програми кои ги реализира Агенцијата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.04.2020 - 12:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега