Се најавуваат нови мерки: Србија надмина 5.000 заразени на дневно ниво

Во новиот корона-бран Србија денеска надмина 5.000 нови инфекции на дневно ниво, со 23 смртни случаи и зголемување на бројот на хоспитализирани лица во последните 24 часа.

Поради ваквите бројки, здравствените власти навестуваат нови епидемиолошки мерки.

Државниот секретар во српското Министерство за здравство, Мирсад Џерлек, најави дека Кризниот штаб набргу ќе ѝ предложи на владата две нови мерки за борба против пандемијата на коронавирусот – воведување ковид-сертификати и намалување на бројот на луѓе на собири.

Во последните два месеца во Србија се одржаа неколку манифестации и спортски настани со голем број учесници – фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, Собирот на трубачите во Гуча, „Пиво-фест“ во Белград и Европското првенство во одбојка за жени и квалификациите за СП против Луксембург.

Според денешните официјални податоци на српското Министерство за здравство, од 20.443 тестирани примероци, регистрирани се 5.069 нови случаи на инфекција.

Во болниците има 1.701 ковид-пациент, од кои 121 се на респиратор, за разлика од понеделникот кога во болниците имаше 1.479 пациенти и 108 на одделенијата за интензивна нега.

Од почетокот на епидемијата направени се 5.138.131 тест и регистрирани се 788.895 инфекции со коронавирус, а официјално се пријавени 7.421 смртен случај.

Во однос на бројот на заразени, Србија е на 41. место на листата што ја води специјализираниот портал Worldometer, а според бројот на смртни случаи на милион жители се наоѓа на 75. место во светот.

07.09.2021 - 21:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега