Во Србија во тек е јавна дебата за Нацрт-измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО) кои попрецизно ги дефинираат правилата за одредени категории осигуреници. Предложените решенија првенствено се однесуваат на професионалниот воен персонал, земјоделците претприемачи и усогласувањата со регулативите на ЕУ.

Поради усогласување со Законот за српската армија, се предлага професионалните војници по договор, како и подофицерите и офицерите до чин потполковник, да стекнат право на старосна пензија кога ќе наполнат 40 години пензиски стаж и најмалку 53 години возраст.

Со измените се допрецизира и одредбата што се однесува на осигурениците кои се занимаваат со земјоделска дејност како раководители на семејни стопанства, а подлежат на персонален данок или ДДВ, со цел да се поедностави нејзината примена. Се предлага времетраењето на суспензијата на статусот на осигурените земјоделци да не биде временски ограничено, туку да се утврдува само при објективни причини како природни катастрофи, болест и породилно отсуство.

Исто така, статусот на осигурените земјоделци нема да престанува во случај на извршување на привремени и повремени работи. Со измените се проширува и опфатот на осигурени лица кои остваруваат право на старосна и предвремена пензија без престанок на осигурувањето.

Новите правила го прецизираат и начинот на повторно утврдување на износот на пензијата за оние кои по остварувањето на правото завршиле најмалку една година дополнителен стаж. Воедно, се решава и практичен проблем со тоа што се предлага надоместокот за трошоци за погреб да се исплаќа директно на лицето кое ги сносило трошоците за погребот на корисникот.

Амандманите вклучуваат и усогласување со регулативите на ЕУ за социјално осигурување до крајот на 2026 година, кои ќе почнат да се применуваат од датумот на пристапување на Србија во Унијата. Јавната дебата трае до 6 јули, а коментарите и предлозите можат да се достават електронски или писмено до надлежното министерство.

Exit mobile version