Опозициската СДСМ денеска преку писмено соопштение упати остри критики кон актуелната власт за, како што велат, расипничко трошење на буџетските средства во време кога граѓаните се соочуваат со сериозна економска криза. Партијата ја повика владејачката коалиција да покаже конструктивност и да го поддржи нивниот предлог-закон за зголемување на минималната плата на 600 евра, кој веќе се наоѓа на дневен ред во Собранието.

Според СДСМ, недозволиво е работниците да бидат принудени да излегуваат на протести за да се изборат за достоинствен живот и покривање на основните сметки, додека функционерите уживаат во удобност.

„Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека цените растат, а синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, власта продолжува да се луксузира со авион, мебел, нови возила и кабинети. Ова е срамно и безобразно“, се наведува во партиското соопштение.

Од СДСМ тврдат дека средства за повисок минималец има, но потребно е нивно правилно менаџирање. Тие предлагаат со ребаланс на Буџетот да се скратат непродуктивните трошоци за патувања, репрезентации и тендери, а парите директно да се пренаменат кон работниците. „Доста е луксуз на власта, време е парите да се насочат кон работниците“, заклучуваат од опозициската партија.

Exit mobile version