Се потврди она што претседателот на СДСМ, Венко Филипче го предвиде и за што предупредуваше цело време.
Еден ден по прес конференцијата на Христијан Мицкоски имаме ново покачување на цената на дизелот од 3,5 денари, велат од СДСМ.
„Поскапувањето не се спречи, дизелот поскапе и од ноќеска цената на дизелот ќе биде 95,5 денари за литар.
За само три недели, ова е трето покачување на цената на дизелот, при што вкупното зголемување достигна 24,5 денари по литар.
Намалувањето на ДДВ од 18% на 10% нема ефект, граѓаните плаќаат поскапо гориво, но најлошото е со ова поскапување ќе продолжи растот на цените на храната.
Спиралата е активирана, маслото за јадење е над 100 денари, јајцата над 300 денари, овошјето и зеленчукот над 100 денари за килограм, следуваат и други покачувања.
Срамота е Мицкоски да не презема мерки за намалување на цените а во исто време да се занимава со дефокус и да се однесува како уредник на жолт печат.
Луѓето чекаат мерки за намалување на цените а тој наместо за кризата пласира лажни вести и афери, како што е справувањето со Ковид пандемијата и вакцините.
Тоа што Мицкоски и ВМРО имаат историски пад на поддршката не значи дека треба да ја злоупотребува и срами функцијата на која се наоѓа, бидејќи со тоа ја срами и Македонија и нејзините граѓани.
Секако Мицкоски го покажува своето вистинско лице, нема капацитет ниту за државничка ниту за економска политика, прав дилетант“, стои во соопштението од СДСМ.


