По усвојувањето на Предлог-буџетот за 2026 година, СДСМ изразува сериозна загриженост за насоката по која се движи фискалната политика и нејзините последици врз граѓаните и стопанството, се наведува во соопштението на партијата.
Од СДСМ посочуваат дека наместо ветената „строга фискална дисциплина“, Владата предлага дефицит од 3,5% од БДП, со што директно го прекршува фискалното правило од Законот за буџети, кое поставува лимит од 3%.
„Не станува збор за дисциплина, туку отстапување од законската рамка што ќе ја платат граѓаните и економијата“, велат од партијата.
Според СДСМ, особено е проблематично што Владата буџетската рамка (374,7 милијарди денари приходи и 413,9 милијарди расходи) ја нарекува „развојна“, а истовремено ги намалува капиталните инвестиции.
„Со предлог-буџетот за 2026 година тие се планираат на 40,5 милијарди денари – речиси 7 милијарди помалку од 47,3 милијарди денари кои беа утврден со ребалансот за 2025 година“, се истакнува во реакцијата.
Од партијата додаваат дека на денот на усвојување на буџетот, реализацијата на капиталните расходи изнесува само 44,94%. „Со екстремно слаба реализација, тврдењето дека „капиталните проекти ќе бидат главен двигател на растот во 2026 година“ е контрадикторно и признание за неспособност“, смета СДСМ.
Според нив, проекцијата за раст на БДП од 3,8% е базирана на потрошувачка, поддржана со најавени зголемувања на плати и пензии, но во отсуство на структурни реформи.
„Дали се најавува уште една година во која економските промашувања се маскираат со краткорочни, популистички потези?“, прашуваат од СДСМ.
Тие предупредуваат дека оваа буџетска стратегија ќе значи повисоки трошоци за камати, ново задолжување и притисок врз даночната база, што ќе донесе повисоки цени.
„Зголемените платите и пензиите ќе потонат во растечката месечна потрошувачка за основните животни потреби. Со Предлог-буџетот за 2026 година Владата не нуди развој, туку маска за економски промашувања“, заклучуваат од СДСМ.

