СДСМ: Оставките од министрите на ДУИ се поднесени, сега Мицкоски е на потег
„Сите министри во Влада од редовите на ДУИ, поднесоа оставки до премиерот Димитар Ковачевски, кои ќе стапат на сила веднаш откакако пратениците на ДПМНЕ ќе гласаат за усвојување на уставните измени“, посочија од владејачката СДСМ во писмено соопштение испраено до медиумите.
-Ставајќи го државниот пред партискиот интерес ДУИ покажа одговорност кон врвната стратешка цел, европската иднина на земјата и сите наши граѓани, додадоа од партијата.
Со одлуките на Централниот одбор на СДСМ, како и со последната одлука на ДУИ, исполнети се сите услови, посочија од партијата, кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да поддржи уставни измени, вклучително и Влада без ДУИ.
„Сега, на потег е Мицкоски да покаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или се грижи само за својата фотелја во Белиот дворец. Членството во ЕУ е врвна стратешка цел поставена уште пред 32 години, не е борба за власт туку борба за иднината на државата и од тоа СДСМ нема да отстапи.
Гласот за уставните измени е глас за Европа, за полноправно членство во ЕУ. Со глас за Европа во македонското Собрание Мицкоски и ДПМНЕ имаат шанса, наместо да ја блокираат, да ја поддржат македонската иднина во Европа“, стои во реакцијата на СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа