СДСМ: Македонското општество се наоѓа пред важен тест на зрелост и одговорност

 

Македонското општество се наоѓа пред важен тест на зрелост и одговорност, велат од СДСМ.
 
„Настаните од изминатите денови кога се случија сериозни инциденти, со палење на државното знаме, пукање со оружје и поткопување на меѓуетничките односи сериозно ги вознемирија граѓаните, удрија по темелите на соживотот, безбедноста и сигурноста.
 
Времето бара одговорност, а ние сме подготвени да ја покажеме.
 Социјалдемократскиот сојуз на Македонија повикува на итно одржување на лидерска средба со сите парламентарни партии.
 
Потребно е заедничко делување на сите релевантни политички чинители, политичарите да покажат зрелост во овие моменти и заеднички да помогнат за стабилноста на државата.
 
Граѓаните треба да ја видат сликата на заедништво – сликата на лидери кои се подготвени да седнат на иста маса, да разговараат и заеднички да се справат со сите предизвици.
 
Само на овој начин може да се испрати јасна порака: Македонија е и ќе остане држава на мирот, соживотот и почитувањето на различностите.
 
СДСМ ги повикува сите граѓани на смиреност и воздржаност. Да ги зачуваме меѓусебните односи и да продолжиме да градиме општество на доверба и разбирање.

 

Од сите нас зависи стабилноста и иднината на нашата заедничка татковина“, стои во соопштението на СДСМ.
01.12.2024 - 10:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега