СДСМ: Граѓаните да кажат Да на референдумот, опозицијата нема мандат да отстапи од него

 

Со постигнатиот Договор меѓу Република Македонија и Република Грција се отстрани и последната пречка Македонија да добие покана за членство во НАТО и да добие датум за почеток на преговори со ЕУ во 2019 година. Со договорот Македонија добива иднина, а граѓаните на Македонија добиваат чист терен за подобар живот.

Прашањата за членството во НАТО, ЕУ и за договорот склучен во Преспа се прашања од највисоко значење за иднината на Македонија,  на сегашните и идните генерации и затоа граѓаните ќе го имаат последниот збор на референдум.

Граѓаните се носители на суверенитетот, граѓаните одлучуваат на избори и на референдум. Референдумот е вистинска и непосредна демократија, а волјата изразена на него мора да биде обврзувачка за сите, бидејќи гласот на граѓаните е клучен за македонската иднина.

Законот за референдум во Член 27 овозможува претходно консултирање за прашања од пошироко значење преку распишување референдум на државно ниво за консултирање на граѓаните, односно таканаречен консултативен референдум.

Граѓаните ќе имаат можност на референдум слободно и директно да одлучат за македонско-грчкиот Договор и преку тоа за членството на Македонија во ЕУ и НАТО, како две директно поврзани прашања кои се однесуваат на иднината на државата.

За уставните измени, кои се неопходни за да се  спроведе договорот и со тоа Македонија да стане членка на НАТО и да почне преговори за членство во ЕУ,  треба да гласаат пратениците во Собранието на Република Македонија. Пратениците се избраници на народот и тие имаат обврска да ја следат волјата на граѓаните изразена на референдумот. Согласно Законот за референдум, Собранието може и треба да ги консултира граѓаните пред да донесе одлука за вака важно прашање кое се однесува на иднината и квалитетот на живот на сите граѓани.

Затоа, од врвен интерес е сите политички партии и сите граѓански и политички субјекти да застанат зад референдумот и референдумското прашање како врвен демократски инструмент за изразување на волјата на граѓаните.

Сите партии, а особено ВМРО-ДПМНЕ, кои со години се залагаа за членство во ЕУ, НАТО и за референдумско изјаснување за договорот за името имаат обврска да ги повикаат граѓаните да се изјаснат за стратешките интереси на државата и потоа обврзувачки да го испочитуваат гласот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ нема ниту мандат ниту право да отстапува од референдумот и од членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Македонците и сите граѓани на Македонија имаат историска шанса за напредок, директна можност да бидеме рамо до рамо со големите сили, и тоа како Македонци и со нашиот македонски јазик и идентитет, загарантирани и потврдени со конкретни членови во договорот од Преспа.  Затоа, Македонците и граѓаните на Македонија ќе одлучат дека со нашиот македонски идентитет ќе станеме членка на НАТО и ЕУ и ќе го реализираме договорот со Грција.

Центар за комуникации на СДСМ

 

 

 

21.07.2018 - 10:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа