Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) мора веднаш да го проследи предметот за Игор Јанушев до Јавното обвинителство, велат од СДСМ.
„Станува збор за тоа дека генералниот секретар на Владата прикрил дел од својот имот – конкретно поврзаност со компанија регистрирана во Бугарија. За ова има јавно достапни докази од регистарот на компании во Бугарија, (https://finansi.bg/flugban-trans?hl=en-GB )
Но во неговите анкетни листови тоа не е наведно.
Според законот, последиците за вакво постапување се јасни:
1. Фиксна прекршочна глоба од 300 до 500 евра за техничко непријавување на промена на имот;
2. Кривично дело прикривање на имот, за кое е предвидена казна затвор од 6 месеци до 5 години;
3. Конфискација на прикриениот капитал и уделите;
4. Казнен персонален данок од 70% од страна на Управата за јавни приходи врз вредноста на целиот недокажан имот.
ДКСК нема право да остане нем набљудувач. Доколку постојат основи на сомневање дека е извршено кривично дело, Комисијата е должна без одлагање да го проследи предметот до надлежниот јавен обвинител.
Игор Јанушев, како генерален секретар на Владата, не смее да остане на функција додека трае истрагата за неговата евентуална поврзаност со бугарска компанија. Тој е должен или да поднесе оставка, или Владата да го отстрани од функција.
Овој случај повторно го покажува лицемерието на Мицкоски и организираната криминална група ВМРО.
Додека јавно се претставуваат како „патриоти“ и ја блокираат европската интеграција на Македонија, највисоките функционери на власта, покрај бугарските пасоши и државјанства што си ги прибавија за себе и за своите семејства, водат бизнис во Бугарија и прикриваат имот.
Додека сите овие членови на Владата од ВМРО-ОКГ, бугарски државјани, ги користат бенефициите на ЕУ, граѓаните чекаат со часови на границите, а истовремено се блокираат парите од европските фондови наменети за граѓаните на Македонија, и од државата прават слепо црево на Балканот.
Ова е недозволиво. Јавното обвинителство мора да реагира. Јанушев мора да сноси одговорност.
ДКСК мора да го проследи предметот до Обвинителството.
Време е за вистина и правда. Никој не е над законот“, стои во соопштението од СДСМ.


