Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) преку писмено соопштение упати остри критики до Владата поради неактивноста во врска со ценовниот шок предизвикан од поскапувањето на нафтените деривати. Партијата предупредува дека граѓаните веќе ги чувствуваат последиците во маркетите.

„Помина цела недела, Владата не презема никакви мерки за намалување на цените на горивата. Со покачувањето на цените на горивата сите цени ќе пораснат. Во маркетите веќе се чувствува притисокот, цената на маслото за јадење надмина 100 денари. Дали намерно вака прави Владата на Мицкоски за да профитира од високите даноци врз грбот на граѓаните или од неспособност?“, прашуваат од СДСМ.

Опозицијата потсетува на својот предлог-пакет за спас на стандардот, нагласувајќи дека секој ден одолговлекување ги чини граѓаните прескапо.

„СДСМ веќе предложи пакет на издржани мерки: намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5%, намалување на акцизата за 4 денари и намалување на ДДВ за основните прехранбени производи. Овие мерки долгорочно ќе ги намалат цените и ќе им помогнат на граѓаните. Владата мора веднаш да ги примени и да не чека. Оваа недела македонските граѓани платија 3 милиони евра повеќе само со покачување на цената на дизелот за 14 денари“, се наведува во соопштението.

Од партијата алармираат и на можниот развој на настаните на глобално ниво, што може дополнително да ја влоши економската слика во државата доколку не се донесат заштитни механизми.

„Се најавува и можен дополнителен раст на цените. Ако војната во Иран потрае три месеци, се проценува дека цената на нафтата може да достигне 150–160 долари за барел, што е речиси двојно повеќе од сегашната цена. Доколку владата не примени модел што ќе го запре овој тренд, цените ќе продолжат да растат и потоа нема да има нивно намалување, дури и ако дојде до стабилизација на цената на нафтата“, предупредуваат социјалдемократите.

На крајот, СДСМ ја поврза економската ситуација со актуелното незадоволство на синдикатите, обвинувајќи ја власта за целосна негрижа кон работничката класа.

„Владата на Мицкоски воопшто не се грижи за стандардот на граѓаните. Одбива да донесе мерки за намалување на цените, одбива да ја покачи минималната плата. Работниците се на улица затоа што се борат за корка леб, а власта наместо решенија ги навредува, понижува и омаловажува“, заклучуваат од СДСМ.

Exit mobile version