Саудиска Арабија ќе овозможи аџилак во Мека за 60.000 свои вакцинирани граѓани

Саудиска Арабија, следниот месец ќе им овозможи аџилак во Мека на 60.000 свои граѓани кои се вакцинирани против коронавирусот, соопшти денеска Министерството за аџилак, пренесе агенцијата СПА.

Поради пандемијата лани одењето на аџилак им беше дозволено само на десетици илјади верници кои живеат во Саудиска Арабија, додека во 2019 година 2,5 милиони верници од целиот свет беа на аџилак во Мека.

Во соопштението на Министерството за аџилак се вели дека „оние кои сакаат да извршат аџилак мора да бидат на возраст меѓу 18 и 65 години, не смеат да страдаат од хронични болести и мора да бидат вакцинирани против Ковид-19″.

Кралството во април соопшти дека само на вакцинираните верници ќе им дозволи умра – помалиот аџилак, што предизвика незадоволство кај верниците.

Малиот аџилак, што поради пандемијата беше привремено прекинат во март 2020 година, со бројни мерки за внимателност продолжи на почетокот на октомври.

На почетокот, само 6.000 Саудијци и странски државјани во Саудиска Арабија имаа дозвола секој ден да одат на умра, но во меѓувреме оваа бројка се зголеми на 20.000.

Во Големата џамија во Мека, секојдневните молитви можат да ги изведуваат приближно 60.000 верници, но аџиите не смеат да ја допираат Кабата, централното свето место во исламот, изградено во форма на коцка.

До денес, во Саудиска Арабија официјално се регистрирани повеќе од 463.000 на зараза со коронавирус и над 7.500 смртни случаи.

Властите известија дека во земја со 34 милиони жители досега се примени повеќе од 15 милиони дози на вакцина.

МАКФАКС

12.06.2021 - 18:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега