Самсоненко: Дадов 100 милиони евра во македонски екипи, секоја власт треба да ме поддржи!

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко кој веќе седум години инвестира во ракометните и фудбалскиот клуб Вардар во интервју за неделникот „Фокус“ посочи дека инвестирал 100 милиони евра во спортот во Македонија и поради таквите инвестиции, секоја власт во земјава треба да го поддржи.

Самсоненко во Македонија се појави во 2012 година, прво како газда на женскиот тим на Вардар, кој сега е сведен на младинска екипа, а потоа една година подоцна го презема машкиот ракометен гигант на црвено-црните со кој стигна до две европски титули. Од јануари 2014 година е спонзор и на фудбалскиот клуб Вардар, кој во неговата ера стана трипати првак на Македонија, а избори и историски настап во групната фаза во Лига Европа.

„Сто милиони евра сум потрошил на спортски екипи во земјава. Сè уште ги финансирам машкиот и женскиот ракометен тим на Вардар и истоимениот фудбалски клуб. Како ќе биде понатаму не зависи само од мене, зашто не сме излезени од финансиската криза. Се разбира, јас ќе ги исплатам сите вработени и играчи, кои се апсолутно коректни, а понекогаш херојски се однесуваат во натпреварите. Не е прашање дали сакам или не, многу години финансирам и тешко се издржува, немам толку пари. Секоја година оди сè потешко. Кога по вторпат освоивме титула во Лигата на шампионите, ми беше ветена помош од различни институции во државата и јас уште чекам на таа помош, зашто без неа не би можел да издржам понатаму“, вели Самсоненко.

Рускиот бизнисмен потенцира дека не добивал преголема помош од претходната власт во Македонија, како што се мислело во јавноста, а дека првпат добил парична помош од актуелната влада, додавајќи дека секоја власт треба да го поддржи за сè што има направено во земјава.

„Јас во сите години до промената на власта во Македонија добив само ослободување од комуналии за хотелот Русија и град Скопје ме ослободи од половина од комуналиите за Академијата за деца во парк. Општина Центар ми вети ослободување, но тоа не се случи. Ова лето за европската круна добив од оваа влада помош од 500.000 евра и од градот 100.000, кои претходно не ги добивавме. Инаку, јас треба да имам политичка поддршка од било која власт за сè што правам тука“, додава Самсоненко.

Посочува и дека не постои судир на интереси со тоа што инвестира во спортски клубови, а истовремено е сопственик на обложувачка компанија (Бет Сити).

„Најголемите бранители на чесноста на спортските мечеви се обложувачниците, бидејќи тие би имале штета од спротивното. Нашата голема обложувачница ‘Бет Сити’ има соработка со УЕФА, ФИФА… и ние пријавуваме сомнителни мечеви. Покрај тоа, треба да знаете дека на македонско првенство не може да ставите повеќе од 500 денари на меч поради нивната вредност. На светски првенства уплатите може да бидат големи, ама таму не постои опасност да се купи некој зашто платите и бенефициите се големи. Во македонското првенство овие суми се мали, ама затоа на македонски мечеви, еве кај мене, максимална сума на уплата е 500 денари. Овој интерес е во главните пет првенства во фудбал, после следат хокеј, тенис, НБА, Евролига, по што сè друго е многу подолу“, додава Самсоненко.

Освен што со вардаровиот колектив достигна успеси кои засекогаш ќе бидат запишани во историјата на македонскиот спорт, но и на самите клубови како врвни достигнувања, во неговата ера изгради мултифункционална сала СЦ „Јане Сандански“ во населбата Аеродром, потоа тренинг-камп за ФК Вардар во населбата Хиподром (двете со јавно-приватно партнерство), како и Академија на ФК Вардар до Националната Арена „Тодор Проески“ на старите помошни терени на најтрофејниот макеоднски фудбалски клуб, кои се инвестиции со вкупна вредност од речиси 20-на милиони евра.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.11.2019 - 16:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега