„Самоопределување“ со убедлива победа на вонредните парламентарни избори на Косово

Се исполнија прогнозите дека движењето ,,Самоопределување“ на Албин Курти ќе освои најголем број гласови на вонредните парламентарни избори во Косово на кои тој им даде референдумско значење. 

Врз основа на добиените без малку 50 проценти од гласовите , Курти би требало да има меѓу 55 и 58 пратенички места од 120 члениот парламент, па така партиите на Харадинај, на досегашниот премиер Хоти, како и Демократскиот сојуз на првиот претседател на Косово Ругова, не успеаја заедно ни да се приближат до гласовите на левичарско националистичката платформа на Курти. Тој синоќа им се заблагодари на граѓаните што во редици чекаа пред избирачките места но и на косовската дијаспора која допатува со 45 авиони за да гласа на изборите.

Утре започнува нов ден. Оваа голема победа вечерва е само можност да започнеме промена што ја сакаме.,,Изборите се референдум за правда и вработување и против корупција и заробување на државата, изјави Албин Курти.

Српската листа на Косово ги освои сите десет со уставот загарантирани пратенички мандати.

-Ова е победа на Српското единство и слога и е доказ дека сакаме да останеме свои на своето.Српската листа однесе убедлива победа, во рацете на српскиот народ се сите десет мандати во собранието, изјави Горан Ракиќ-претседател на Српска листа на Косово.

Анализите упатуваат на тоа дека победата на ,, Самоопределување“ може дополнително да ја искомплицира и онака сложената ситуација околу дијалогот за решавање на повеќедецинискиот спор со Србија. Курти и на синоќешниот говор повтори дека ова прашање не му е приоритетно и дека го поставил на шестата или седмата позиција по важност. Но колку Курти сака да направи дистанца, толку меѓународната заедница го потсетува на оваа обврска.

Во заедничко соопштение на Вархеи и Борел, Брисел порача дека европскиот пат на Косово води преку сеопфатна нормализација на односите со Србија и дека очекува конструктивен ангажман за продолжување на дијалогот. Меѓу првите што од македонска страна му ја честитаа победата на Курти беа лидерите на ДУИ и Алијанса на Албанците , Ахмети и Села. Што значи победата на ,,Самоопределување“ за македонско-косовските односи?

Со победата на вчерашните избори, Курти се враќа во премиерскиот кабинет на Косово од каде во март минатата година си замина откако му беше изгласана недоверба по само 52 дена премиерување.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.02.2021 - 16:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега