Само 20 отсто од краварските фарми во Македонија се прва категорија

Од досега категоризираните 1.500 фарми со молзни крави во Македонија, само 20 отсто се прва категорија и ги исполнуваат европските стандарди за квалитет на сурово млеко кои дозволуваат максимум 400.000 соматски клетки и 100.000 бактерии во еден милилитар.

Најмногу, околу 70 отсто, се втора категорија. Овие фарми, според Агенцијата за храна и ветеринасртво (АХВ), покажуваат многу мали недоследности кои брзо и лесно може да се надминат со помош и едукација.

- Процесот на категоризација треба да заврши до 2020 година. Целта е унапредување на квалитетот на суровото млеко од апсект на вкупен број бактерии и соматски клетки, согласно европската регулатива. Сите фарми што нема да ги исполнат дефинираните критериуми и што ќе влезат  во т.н. трета категорија, нема да можат да го предаваат млекото за откуп и натамошна преработка. Фармите од втора категорија, пак, ќе можат да го предаваат млекото само за преработка во сирење се зреење од најмалку 60 дена, вели за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов.

Тој потенцира дека со подигнување на стандардите за хигиена и квалитет на млекото, ќе се овозможи нашите млекарници да ги задоволат критериумите за извоз во ЕУ. 

Според податоците од операторите со храна кои откупуваат и преработуваат млеко, во земјава се евидентирани 7.100 одгледувалишта со вкупно 34.000 молзни говеда. Бројот на грла е од две до 500 во најголемите комерцијални фарми, но е променлив секој ден.  

- Категоризацијата на фармите со молзни грла се врши според бројот на соматски клетки и вкупниот број микроорганизми во млекото, согласно ЕУ регулативата за квалитетот на суровото млеко. Во прва категорија се фармите каде бројот на соматски клетки во млекото е помал или еднаков на 400.000 во милилитар млеко, а вкупниот број микроорганизми е до 100.000. Фармите кои произведуваат млеко со соматски клетки  и микроорганизми над дефинираните, се втора или трета категорија, објаснува директорот.

Крајниот рок за постигнување на европските стандарди за сурово млеко се одложуваше неколку пати. Границата на соматски клетки и микроорганизми беше флексибилна, но не се исполнуваше.

Фармерите и натаму бараат независна, национална референтна лабораторија за испитување на квалитетот на млекото. Анализите за хигиенската исправност засега се вршат на Факултетот за ветеринарна медицина. 

Како што рече директорот Атанасов, паралелно со категоризацијата на фармите се врши и внесување на географските координати за секое одгледувалиште одделно, со цел олеснување на постапката за контрола и исплата на субвенциите за сточарите. 

 

 

 

28.04.2018 - 13:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа