Само 13 обдукции на починати од ковид-19 се изведени на Институтот за судска медицина од почетокот на пандемијата до денес

Само тринаесет обдукции на починати од ковид-19 се изведени на Институтот за судска медицина од почетокот на пандемијата до денеска, потврди директорот на Институтот за судска медицина доктор Александар Станков за „Слободен печат“. Обдукција за секој починат од ковид-19 не се прави, затоа што постои голем ризик да се пренесе инфекцијата на вештаците што го изведуваат процесот.

Кај шест лица кај кои била направена обдукција, причина за смртта бил директно самиот вирус.

Условите што треба да ги исполнува една обдукциска сала за да може да се извршат овој вид на обдукции се доста строги, вели Станков за „Слободен печат“. Овие услови пропишуваат измена на воздухот најмалку шест пати во текот на еден час, кружно движење од нечист дел во чист дел, работење во скафандер, штит маски и со неколку пара ракавици и на крај правилно одложување на медицинскиот отпад.

– Непрофесионално и невозможно е да не се изработи обдукција кај која има судско-медицинска индикација, без разлика дали тоа тело е заразено со ковид, антракс, ХИВ или кој било патолошки агенс.  Ние, за да се заштитиме, бидејќи како што реков не е возможно да се избегнат обдукции кои се од судско медицинско значење, моравме некако да ги прилагодиме пропишаните услови за работа каде ризикот за инфекција ќе го сведеме на минимум, појаснува доктор Станков.

Според препораките на СЗО и на Центарот за контрола на болести на САД, доколку не постојат услови за заштита на персоналот и околината, не треба да се вршат обдукции кај починати од ковид-19. Досега во светот нема пријавен случај на заразено лице од починат инфициран со ковид-19. Иако е така, сепак уште не се знае дали и во какви услови може да се пренесе вирусот од мртво тело на жив човек.

– Затоа не се вршат обдукции во овие случаи. Меѓутоа, иако со висок ризик, нашиот Институт никогаш не престана со работа без разлика дали починатиот бил позитивен на ковид-19 – додаде директорот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.01.2021 - 08:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега