Самитот ЕУ- Западен Балкан заврши без заклучоци

Без заедничка изјава и без прес-конференција денеска во Брисел заврши самитот ЕУ-Западен Балкан, кој траеше повеќе од три часа.

Кабинетот на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел соопшти дека закажаната конференција е одложена поради недостиг на време бидејќи состанокот траел подолго од планираното, а заедничката декларација не била ни закажана.

И покрај немањето какви било резултати, придружбата на Мишел вели дека средбата поминала добро.

Лидерите на 27-те земји-членки ќе го започнат својот редовен самит подоцна попладне и се очекува да дадат зелено светло за кандидатски статус за Украина и Молдавија.

Така, двете земји ќе ги прескокнат Босна и Херцеговина и Косово на патот кон ЕУ, единствените две земји од Западен Балкан кои се уште немаат кандидатски статус.

ЕУ во 2003 година на самитот во Солун му вети на Западен Балкан европска перспектива.

Француското претседателство се обидува да ја укине бугарската блокада на Македонија, која чека одобрение заедно со Албанија за отворање на пристапните преговори.

Сепак, тие надежи ги сруши бугарскиот премиер Кирил Петков, кој пред самитот со Западен Балкан изјави дека нема изгледи за деблокирање на отворањето на преговорите со Македонија на самитот, но навести дека решението може да се постигне на наредните денови.

Имаше предлози за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина, но за тоа нема консензус. Нацрт-заклучоците што ќе ги усвојат лидерите на ЕУ за време на самитот ја повторуваат целосната и недвосмислена посветеност на перспективите за членство на земјите од регионот и повикуваат на забрзување на процесот на пристапување.

На инсистирање на Хрватска, нацрт-заклучоците ги повикуваат водачите на БиХ итно да го спроведат своето ветување за завршување на уставните и изборните реформи.

Нацрт-заклучоците го поздравуваат договорот постигнат од водачите на парламентарните партии на БиХ на состанокот со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на 12-ти јуни, на кој тие ветија, меѓу другото, да ги спроведат ограничените уставни и изборни реформи.

 

23.06.2022 - 18:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега