Самит Г-7: Главна тема се војната во Украина и цената на нафтата

 

Во Германија денеска почнува самитот на Г-7, а главна тема е војната во Украина и цената на нафтата.

Авионот на американскиот претседател Џо Бајден слета во близина на замокот Елмау во Баварија каде се одржува состанокот на светските лидери.

Посетата Бајден ја отвори со билатерална средба со домаќинот на самитот, германскиот канцелар Олаф Шолц на која двајцата разговарале за војната во Украина.

Бајден му се заблагодари на Шолц за неговото лидерство во одговорот на украинската криза.

„Рускиот претседател Путин се потпираше на инвазијата на Украина за да доведе до расцеп во НАТО и Г-7, но тоа не се случило и нема да се случи“, рече Бајден.

Претседателот на САД во текот на денот ќе оствари формални и неформални разговори со лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Европската Унија, јавува АП.

Тој и другите лидери на Г7 ќе се обидат да изградат стратегија за обезбедување на енергетски резерви и борба против инфлацијата, со цел да се спречат последиците од конфликтот во Украина.

Групата најразвиени индустриски земји во текот на денот ќе разговара и за глобалната соработка, инфраструктурата и инвестициите, како и за ефикасноста на санкциите против Русија.

Се очекува учесниците на состанокот да одлучат за ограничување на цената на нафтата од Русија и поставување на горна граница за купување на руска нафта.

Се планира и ембарго на руското злато.

Официјалните лица, исто така, треба да разговараат за тоа како да се однесуваат одговорно во однос на климатските промени, а истовремено да ги задоволат критичните потреби во снабдувањето со енергија.

„Енергетските проблеми не можат да бидат изговор за прекршување на нашите климатски цели“, смета германската влада.

26.06.2022 - 12:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега