Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска пристигна во Киев, каде ќе учествува на Самитот Украина – Југоисточна Европа, кој се одржува по повод Денот на државноста на Украина.

Од Министерството за европски прашања информираат дека Сали по пристигнувањето бил пречекан од заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Олександр Мишченко, амбасадорот на Северна Македонија во Украина, Димитар Блажевски, како и од претставници на украинското Министерство за надворешни работи и други високи официјални лица.

Од МЕП оценуваат дека учеството на Сали на Самитот претставува потврда на континуираната поддршка на Северна Македонија за Украина, нејзиниот суверенитет, независност и територијален интегритет, како и за нејзината европска перспектива.

Во рамки на престојот во Киев, министерот Сали ќе учествува на пленарната сесија на Самитот, каде ќе ја потврди подготвеноста на земјата за продолжување на поддршката за Украина и ќе ги сподели искуствата од процесот на европска интеграција.

Самитот Украина – Југоисточна Европа ги обединува лидерите и високите претставници од Украина и земјите од регионот, со цел зајакнување на регионалната соработка, поддршка за Украина и унапредување на нејзината европска агенда.

Exit mobile version