Во вчерашното гостување во емисијата „360 степени“ на МТВ 1, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, говореше за активностите насочени кон зајакнување на економската и политичката соработка со Обединетите Арапски Емирати.

Притоа, тој информираше за сериозен интерес за инвестирање во државата, како и за подготовка и склучување на два значајни договори во областа на економската и трговската соработка.

„Нашата цел е со Обединетите Арапски Емирати да изградиме специфично и посебно партнерство, бидејќи станува збор за држава која има реализирано успешни капитални проекти и со која, од стратешка гледна точка, делиме многу исти ставови“, истакна министерот Муцунски.

Тој информираше дека во моментов постои активен институционален дијалог меѓу двете страни.

„Со ОАЕ веќе водиме активен дијалог помеѓу нашето министерство и нивното министерство за два договори – договор за стратешко партнерство, кој ќе ги олесни меѓусебните инвестиции, и договор за слободна трговија“, нагласи Муцунски.

Говорејќи за конкретните можности, министерот посочи дека интересот од страна на Обединетите Арапски Емирати е јасен и конкретен.

„Интересот е конкретен, а финансирањето може да се обезбеди од нивна страна. Портфолиото на интерес е широко. Товарот за реализација на овие проекти лежи кај нашето министерство и ние, како институција, заедно со претседателот на Владата и другите надлежни институции, работиме максимално внимателно и одговорно на овој договорен аранжман со Обединетите Арапски Емирати“, рече министерот.

Муцунски нагласи дека Владата има јасна амбиција за подобрување на животниот стандард на граѓаните, преку привлекување странски инвестиции и поддршка на домашните компании.

„Владата има конкретни резултати во привлекувањето странски инвестиции и во промоцијата на нашите компании во странство, и ќе продолжи максимално фокусирано да работи на овие проекти“, истакна тој.

Во однос на динамиката на инвестиционите одлуки, министерот посочи дека станува збор за сложен процес кој бара внимателен и одговорен пристап.

Како потврда за сериозноста на разговорите и насоката на соработката, Муцунски го издвои своето неодамнешно присуство во Обединетите Арапски Емирати и учеството на форум од затворен формат „Сир бани Јас“, нагласувајќи дека бил првиот министер за надворешни работи од нашата земја поканет да учествува на овој форум.

Exit mobile version