Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, за време на тајна посета на Москва предложил трилатерална средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави „Аксиос“, повикувајќи се на два извори запознаени со разговорите.

Според информациите, посетата на Ратклиф била дел од обидите повторно да се придвижат мировните преговори меѓу Русија и Украина, а една од целите била да се процени дали руските разузнавачки структури можат да влијаат врз Путин да прифати обновување на разговорите со посредство на САД.

Ратклиф во Москва се сретнал со шефот на руската Служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин, и со директорот на Федералната служба за безбедност, Александар Бортников.

Американските претставници во петокот го информирале Зеленски за разговорите во Москва и за предлогот за трилатерален самит. Идејата за средба меѓу Трамп, Путин и Зеленски и претходно била разгледувана, при што Зеленски ја поддржал, а Путин ја одбил.

Според „Аксиос“, Ратклиф ја отворил и можноста мировните преговори да продолжат во Москва.

Трамп, пак, за медиумот изјавил дека посетата на директорот на ЦИА била „вообичаена работа“ и не била поврзана со евентуално предупредување до Русија да не напаѓа територија на НАТО.

„Њујорк тајмс“ претходно објави дека Ратклиф на Бортников му претставил песимистичка проценка за состојбата на бојното поле и ја повикал Москва да постигне договор пред дополнително да ѝ се влоши позицијата.

Извори на „Аксиос“ тврдат дека директорот на ЦИА го оценил Бортников како конструктивен соговорник кој би можел да помогне во повторното активирање на дипломатските напори за завршување на војната.

Exit mobile version