САД ја поддржаа одлуката на Јапонија да испушти радиоактивна вода во Пацификот- соседите гневни

Американската администрација изрази поддршка за одлуката на јапонската влада за пуштање на загадена, радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима во Тихиот океан, со оценка дека таквата одлука е во согласност со глобалните безбедносни стандарди.

„Јапонската влада постапи транспарентно во донесувањето на оваа одлука“, соопшти Стејт департментот, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Јапонската влада донесе одлука за ослободување огромни количества радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима во Тихиот океан во следните две години, на што остро се спротивставуваат локалните рибари и жителите на околните области.

Долго време се шпекулираше дека владата ќе донесе ваква одлука, која се одложуваше неколку години поради протести и безбедносни причини.

Сепак, одлуката конечно беше донесена на владина седница, на која се наведува дека ослободувањето на загадена, радиоактивна вода во Тихиот океан е најдобро решение, објавиja светските агенции.

Во меѓувреме, државите од регионот излегоа со негативни реакции во однос на ваквата одлука.

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја го повика јапонскиот амбасадор во Сеул на разговар поради одлуката на владата во Токио за ослободување на загадена, радиоактивна вода.

„Ројтерс“ претходно објави дека кинеското МНР ја нарекло одлуката на јапонската влада „неодговорна“ и дека јапонските рибари силно се спротивставиле на ова решение за отстранување на радиоактивната вода од Фукушима.

Скоро 1,3 милиони тони загадена вода, доволна за да наполнат 500 олимписки базени, во моментов се чуваат во огромни резервоари во нуклеарната централа Фукушима со трошоци од скоро милијарда долари годишно.

Во електраната се истопија три од шесте реактори кога беше погодена од земјотрес и цунами во март 2011 година.

Загадената вода се преработува на самото место со напредна техника, но од неа не може да се отстрани радиоактивниот трициум.

Владата и операторот тврдат дека трициумот не е штетен за здравјето на луѓето при мала концентрација.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.04.2021 - 10:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа