Русија забрани извоз на воена опрема за 40-тина земји, меѓу кои е и Македонија

 Руската Влада до крајот на 2023 година воведе забрана за извоз на воена опрема, оружје и летала, вклучително и на хеликоптери Ми-2, Ми-8, Ми-17 и Ми-26, за 40-тина земји, меѓу кои е и за Северна Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во одлуката објавена на официјалниот портал за правни информации на руската Влада, се наведува дека од Русија не смеат да се извезуваат ракетни-носачи, гориво за нив и компоненти на гориво, беспилотни летала кои можат да летаат повеќе од половина час, теренски камиони со најмалку три оски и мотор со волумен од најмалку 10 литри и теренски оклопни возила тешки повеќе од пет тони.

Според белградски „Вечерње Новости“, покрај за наведените хеликоптери, забраната се однесува и на разни патрони и експлозиви, уреди за ноќно гледање, микроелектроника, оптички нишани, термовизори, далечинометри, електровакуумски уреди за воена радио опрема, средства за заштита од огнено оружје и шрапнели, како и оклопни елементи за нив.

На списокот на земји во кои не смеат да се извезуваат споменатите производи покрај Северна Македонија, се и членките на Европската унија и НАТО, како и Австралија, Андора, Лихтенштајн, Микронезија, Монако, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Сан Марино, Сингапур, Тајван, Украина, Швајцарија и Јапонија. 

30.11.2022 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега