Русија цврсто се спротивставува на каква било форма на независност на Тајван и го смета островот за составен дел на Народна Република Кина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во соопштение објавено денеска.

Во интервју за руската државна новинска агенција, Лавров нагласи дека позицијата на Москва по ова прашање е непроменета и во согласност со кинескиот суверенитет. Истовремено, тој упати и предупредување до Јапонија, повикувајќи ја „внимателно да размисли“ за, како што рече, курсот кон зголемена милитаризација.

Осврнувајќи се на војната во Украина, Лавров истакна дека евентуално распоредување европски воени сили на украинска територија би претставувало директна закана и, според Москва, таквите контингенти би биле легитимна цел за руските вооружени сили.

„Европските политичари не покажуваат грижа ниту за Украинците, ниту за сопствените граѓани“, изјави Лавров, додавајќи дека тоа јасно се гледа преку разговорите во Европа за испраќање воени контингенти во Украина.

Тој повтори дека Русија повеќепати јасно ставила до знаење оти секое странско воено присуство во Украина ќе биде третирано како директно вклучување во конфликтот.

Изјавите на Лавров доаѓаат по најавите од средината на декември, кога лидерите на водечките европски земји соопштија дека безбедносните гаранции за Украина би можеле да вклучуваат формирање мултинационални сили, предводени од европски држави.

Exit mobile version