Русија ја регистрираше „Спутник Лајт“: Доволна е само една доза

Еднокомпонентната вакцина против коронавирусот „Спутник Лајт“ е регистрирана во Русија, а нејзината ефикасност изнесува 79,4% што е прилично висок процент во споредба со некои од вакцините со две дози.

„Министерството за здравство на Русија, Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ и „РФПИ“ соопштуваат дека е регистрирана еднокомпонентната вакцина против коронавирусот „Спутник Лајт“. Ефикасноста на вакцината изнесува 79,4%, а оваа стапка ја надминува ефикасноста на многу вакцини од две дози“, стои во соопштението.

Прецизирано е дека проценката на ефикасноста е извршена врз основа на податоците на лицата кои примиле само една доза во рамките на програмата на масовна вакцинација и кои од било која друга причина не добиле втора доза во периодот од 5-ти декември 2020-та година до 15-ти април 2021-ва година.

Според лабораториските истражувања на центарот „Гамалеја“, вакцината „Спутник Лајт“ е ефикасна против сите нови мутации на коронавирусот, се додава во соопштението на Фондот.

„Не се регистрирани сериозни несакани реакции по имунизацијата со вакцината. „Спутник Лајт“ не бара специјални услови за чување и логистика, а цената е пристапна – помалку од 10 долари“, се прецизира во соопштението.

Примената на вакцина со една доза овозможува за кратко време да се вакцинираат голем број на луѓе. Од рускиот Фонд известија дека вакцината „Спутник 5“ ширум светот ја примиле повеќе од 20 милиони луѓе до 5-ти мај.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.05.2021 - 17:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа