РСМ Македонија: Која е реалната вредност на зградата на Еуростандард Банка?

По две неуспешни аукции за продажба на зградата на Еуростандард Банка, закажана е трета електронска аукција за 15 март. Од средствата кои ќе се добијат треба да бидат подмирени депонентите на банката, а тоа се оние граѓани кои имале штедни влогови поголеми од 30.000 евра, Фондот за осигурување депозити, државата како и некои компании. Оние граѓани со помали заштеди беа обештетени од државата. Неуспешните досегашни аукции според експертите за проценка на недвижен имот водат кон заклучок дека можеби вредноста на овој објект е преценета, а следствено на тоа и индиректно да се претпостави дека некој намерно го кочи процесот на обештетување на депонентите.

Според реномираната интернационална ревизорска куќа РСМ Македонија која направи процена на вредноста на оваа зграда (по официјални методологии за процена на недвижен имот), реалната вредност не кореспондира со она што неофицијално се бара од 8,4 милиони евра.

Објектот има вкупна површина од 3489 квадратни метри, во кои влегуваат 1512 м2 под земја наменети за трезор, архива, помошни простории и 20 паркинг места. Канцеларискиот простор е само 1977 м2. Објектот ревизорската куќа РСМ Македонија го проценува на 5,3 милиони евра.

Објектот не се продава парцијално туку целосно, и навистина станува збор за голем износ на средства за македонски услови кои треба да се издвојат за овој деловен објект.

Деловната зграда на Еуростандард банка е лоцирана во строгото централно подрачје на град Скопје, надворешно изгледа атрактивно и секако е штета да не се користи од некого. Особено што со текот на времето ако не се одржува, ќе се обезвреднува и “може да ја прегази времето”!

Вредноста на деловната зграда на Еуростандард банка  треба реално да се процени и да се продаде според пазарни услови, а од добиените средства сите доверители штедачите, Фондот за осигурување депозити, државата  да ги добијат своите средства.

Се поставува прашањето ако овој атрактивен имот не се продаде, каков би бил интересот за другиот не толку атрактивен имот на Еуростандард банка.

 

14.03.2023 - 13:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега