РКЕ: Воведувањето на евтина струја цел ден е невозможна мисија

Не е едноставно да се воведе евтина струја цел ден. И првиот човек на Регулаторна Марко Бислимовски во изјава за 24 Вести објасни дека тоа не е едноставен процес и дека треба подолг период за да се спроведе.

 Упатените во оваа проблематика објаснуваат дека за последната измена на тарифата за евтина струја се работело повеќе месеци.

- Невозможна мисија е воведувањето на евтината тарифа цел ден од технички причини, но и од економска оправданост, енергетските компании мора да останат ликвидни бидејќи и по кризата треба да снабдуваат. Екипите на ЕВН се во приправност за интервенција во најкритични моменти, дефекти и слично. А ако се воведува евтина тарифа сите електромонтери ќе треба да одат низ Македонија и да сетираат над 600.000 броила од кои 200.000 се внатре во домовите на корисниците. Во време на ширење на вирусот тоа не го дозволуваат ниту здравствените експерти, вели Бислимовски.

Појаснува дека дури и да се воведе евтина тарифа во текот на целиот ден, граѓаните трошокот на граѓаните нема да се намали драстично, но енергетскиот систем би можел да колабира.

- Ако се воведе евтина тарифа цел ден корисниците ќе намалат од трошокот 400 денари месечно, а загубите за компаниите ќе бидат огромни. Може да се доведеме во состојба во октомври да не испорачуваме сметки бидејќи ќе нема ниту струја, ниту кој да ја испорачува. Нашиот став како Регулаторна комисија е дека оваа идеја е невозможно да се спроведе. Ние треба да водиме сметка да има сигурно снабдување на електрична енергија за граѓаните во ова време на епдемија. Сите земји тоа го спроведуваат, а ние бевме една од првите комисии кои дадоа препораки да не се исклучуваат корисниците додека во сила се вонредните мерки, рече Бислимовски.

Загубите доколку се воведе евтина тарифа во текот на целиот ден ќе треба да се надомести од буџетот.

-6 милиони евра е месечната загуба ако има цел ден евтина тарифа, тоа ако не од граѓаните, ќе треба од буџетот да се надомести, а буџетот во моментот е фокусиран на други цели за поддршка на институциите кои работат на заштита од коронавирусот и санирање на штетите на најпогодените сектори, рече Бислимовски, додавајжи дека во моментот само во Македонија и Босна и Херцеговина има евтина тарифа, а воведувањето во земјава траеше три месеци.

Голем број граѓани на онлајн петиција побараа воведување на евтина тарифа на струја во текот на целиот ден.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.03.2020 - 20:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега