Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески во гостувањето на „Тема на денот“ на Сител телевизија, изјави дека Владата со последниот постигнат договор за зголемување на платите во администрацијата покажа висок демократски капацитет и транспарентност во работата, како и дека овој договор е доказ дека социјалниот дијалог во државата функционира.

-Со договорот со двата репрезентативни синдикати САДУ и УПОЗ со кој ќе се зголемат платите за над 40 проценти за 11.000 вработени во администрацијата со 2028 година, како и со претходни договори за зголемување на платите на вработените во образованието, здравството, социјалните работници, армијата, полицијата и други сектори, Владата го заокружи процесот таму каде што таа е работодавач, кажа заменик-министерот Ристески.

Ристески додаде дека со овој договор овие над 11.000 вработени во државната управа ќе добијат повисоки плати и ќе се приближат до другите државни институции, а со ова се исправа неправдата нанесена од штетните политики на минатата власт.

-За жал, наследивме една хаотична состојба со платите во јавниот сектор, каде платите се регулираат со разни колективни договори, правилници и одлуки, а тоа допринесе во исти ресори или институции, вработени на исти позиции да имаат различни плати. Во наредниот период со двата репрезентативни синдикати треба повторно, во еден транспарентен процес, да преговараме за нов Општиот колективен договор за јавниот сектор кој е истечен. Овој нов договор треба да даде квалитетни и системски решенија за пресметките и растот на платите во јавниот сектор. Со ова ќе имаме јасен систем за пресметка на платите и можност за поквалитетно и поодговорно планирање на буџетските средства потребни за оваа намена, додаде Ристески.

Околу минималната плата Ристески повтори дека разговорите мора да продолжат помеѓу синдикатите со најголемите работодавачи, а тоа се претставниците на приватниот сектор, како и дека Владата ќе го прифати било кое решение кое тие ќе го договорат, а доколку нема договор тогаш минималната плата ќе се зголеми согласно постоечкото законско решение.

Exit mobile version