Општина Липково доби неповолно мислење од Државниот завод за ревизија за финансиските извештаи за 2024 година поради низа неправилности во работењето. Ревизорите констатираа дека иако се инвестирани 265 милиони денари државни пари во водоснабдителен систем, тој не испорачува вода до сите населени места.

И покрај големата инвестиција, во три од единаесетте населени места се уште нема изведено водоводна мрежа и нема приклучоци до крајните корисници, што ја доведува во прашање функционалноста на системот. Дополнително, утврдено е дека изградбата на улици и поплочувањето со бекатон се врши без соодветна планска документација и без издадени одобренија за градење, при што општината набавува материјали, а граѓаните ја вршат рачната работа.

Ревизијата откри и сериозни пропусти во водењето на деловните книги, при што не се почитувани одредбите од Законот за сметководството на буџетите. Деловните книги не се заклучени на крајот на годината и изготвен е консолидиран наместо поединечни финансиски извештаи за секоја сметка.

„Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметките на основен буџет (630) и (637) и неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година на сметката на приходи на буџет на дотации (930)“.

Exit mobile version