Државниот завод за ревизија (ДЗР) во денеска објавениот извештај утврди бројни слабости и неправилности во системот за остварување, исплата и контрола на правата од социјална заштита во земјава. Ревизијата го опфаќа периодот од 2022 година до јуни 2025 година и покажува дека постапките не се усогласени со законите, а институциите немаат соодветна размена на податоци.
Најсериозните пропусти се забележани во текот на 2024 година, кога стотици граѓани истовремено земале и пензија и социјална помош.
„Поради слабости во системските контроли и размената/преземање на податоци по службена должност за 2024 година ревизорите утврдиле 235 корисници кои истовремено, стекнале, односно користеле и права од социјална заштита и пензија, за што неосновано исплатени се 14.536 илјади денари, односно околу 236 илјади евра од кои: – 10.763 илјади денари на 190 корисници по основ на гарантирана минимална помош, – 426 илјади денари по основ на траен надоместок на 5 корисници и – 3.347 илјади денари по основ на правото на социјална сигурност на старите лица кај 40 корисници“, се вели во извештајот на ДЗР.
Ревизорите алармираат дека центрите за социјална работа немаат доволно контроли, работат со нецелосна документација и доцнат во постапките. Дополнителен проблем е што воопшто не се следи ефикасно враќањето на парите кои биле неосновано исплатени од буџетот.
Во извештајот се нотира и затајување на соработката меѓу клучните институции за вработување на социјално загрозените лица.
„Ревизорите утврдиле дека ЦСР и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ) не ја спроведуваат ефикасно законската обврска за изработка и следење на индивидуални планови за активација на невработените корисници на гарантирана минимална помош (ГМП). Плановите се изработуваат во многу мал обем, најчесто рачно наместо електронски, без функционална соработка, координатори и редовни средби меѓу институциите“ велат од ДЗР.
Со цел да се спречи натамошно нерационално трошење на јавните пари, Државниот завод за ревизија препорача итна измена и подобрување на законската рамка, зајакнување на контролите и подобра координација меѓу институциите.
Целосниот извештај на ДЗР можете да го прочитате ТУКА.


