Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави конечен извештај за финансиското работење и усогласеноста на ЈЗУ Универзитетска клиника за торакална и васкуларна хирургија за 2024 година, во кој се утврдени слабости во повеќе сегменти од работењето.

Ревизорите констатирале недостатоци во управувањето со залихите, спроведувањето на јавните набавки и наплатата на побарувањата, како и значително оптоварување на Клиниката поради голем број итни прегледи.

Според извештајот, не е воспоставено редовно и навремено евидентирање на потрошувачката на лекови и медицински материјали во сметководствената и материјалната евиденција. Дел од набавките биле реализирани и пред склучување на договори, со цел да се обезбеди непречено функционирање на здравствената дејност. Дополнително, е констатирано дека не е формирана болничка аптека, која треба да управува со залихите.

Ревизијата утврдила и неправилности во примената на Законот за јавни набавки во дел од постапките, како и побарувања постари од три години, за кои постои неизвесност во наплатата. Забележана е и разлика меѓу пресметаната и наплатената партиципација за здравствени услуги.

Посебен акцент во извештајот е ставен на оптовареноста на Клиниката, при што 66 отсто од прегледите се реализирани преку итни упати или упати без термин, што претставува значително отстапување од системот „Мој термин“.

Оваа структура на упатувања, според ревизорите, укажува на зголемен притисок врз капацитетите, што може да влијае врз ефикасноста на работата и достапноста на услугите за пациентите.

За надминување на утврдените состојби, ДЗР упати осум препораки до Клиниката.

Exit mobile version