Бројот на приведени лица во врска со истрагата за злоупотреби во финансиското работење на Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп се зголеми на 20, а акцијата на надлежните институции се уште трае.
Во моментов дел од приведените лица веќе се изведуваат пред надлежен судија на претходна постапка во Прилеп.
Имено како што објавивме претходно апсењата започнаа синоќа и продолжија утрово, откако Управата за финансиска полиција, по наредби и насоки од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп, презеде обемни дејствија во врска со сомненијата за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
ОЈО Прилеп постапува во предистражна постапка уште од април годинава, а истрагата е фокусирана на финансиското работење на болницата, која, според претходните изјави на актуелниот директор Кире Јоноски (кој стапи на функција во 2024 година), била наследена со долг од речиси 193 милиони денари и со забележани неправилности.
Во текот на денот се очекуваат нови, подетални информации за случајот од страна на Основното јавно обвинителство.

