Обидот на германскиот канцелар Фридрих Мерц да ги убеди лидерите на ЕУ да искористат 210 милијарди евра од замрзнатите руски средства за помош на Украина, заврши без успех поради противењето на францускиот претседател Емануел Макрон. Иако Макрон не се спротивстави јавно, неговиот тим изрази сериозни резерви за легалноста на овој потег.
Висок дипломат на ЕУ за „Фајненшл тајмс“ изјави дека овој потег на Макрон е „предавство“ кон германскиот сојузник:
„Макрон го предаде Мерц и знае дека ќе мора да плати цена за тоа. Но, тој е толку слаб што немаше друг избор освен да се согласи со Мелони“, вели изворот.
И покрај несогласувањата, самитот заврши со компромис – одобрен е заем од 90 милијарди евра за Украина, поддржан од буџетот на ЕУ, наместо директно од руските активи. Канцеларот Мерц изјави дека е задоволен и од овој исход, нагласувајќи дека руските средства сепак ќе останат како гаранција за отплата на долгот.

