Рамчиловиќ: Платите на просветните работници се меѓу најниските во регионот

 

Образованието, особено високото образование не е приоритет на СДСМ. Зоран Заев и СДСМ тоа го покажа со отфрлањето на конструктивните амандмани на ВМРО ДПМНЕ на вчерашната комисија за образование, ова на денешната прес-конференција го објави Зеќир Рамчиловиќ од ВМРО-ДПМНЕ.

-Со овој чекор СДСМ не му прави штета на ВМРО-ДПМНЕ, туку им прави штета на студентите, професорите и на образованието во целина. ВМРО-ДПМНЕ подготви и предложи измени кои требаше да го подобрат решението и кои значат развој на образованието во насока на приближување до европските стандарди. Еден од сегментитети кои беа опфатени, а беа опфатени со нашите амандмани беше финансирањето во предложениот закон кое не е до крај дефинирано, ниту во однос на Универзитетот, ниту во однос на коефициентот на платите на наставниот и соработничкиот кадар, што кога ќе се земат во предвид платите на универзитетските работници споредено со други далеку подобро платени позиции во општеството, ја прави сферата на високото образование за жал неконкурентна и непривлечна за вработување на млади кадри, потенцира Рамчиловиќ.

Тој додава дека платите на просветните работници во Македонија се меѓу најниските во регионот, а наставниците, за разлика од административците, не добиваат никакви други поволности. Наставниците не добиваат надоместоци за својата прекувремена работа која неретко се одвива и за време на викенд.

Амандманот за законски утврдена висина на плати во член 183-а предвидуваше:

  1. Нето платата на помлад асистент на факултет е во висина од една и пол нето плати исплатени во Република Македонија во минатата година.
  2. Нето платата на асистент на факултет е во висина од три просечни нето плати.
  3. Нето платата на доцент на факултет во висина од четири просечни нето плати
  4. Нето платата на вонреден професор на факултет е во висина од четири и пол просечни нето плати.
  5. Нето платата на редовен професор на факултет е во висина од пет просечни нето плати исплатени во минатата година во Република Македонија.

-Односно предложивме загарантирана нето плата за помлад асистент во висина од околу 36 000 денари, за асистент во виснина од околу   72 000 денари. За доцент на факултет предлагаме нето плата во висина од околу 96 000 денари. За редовен професор предлагаме нето плата во висина од околу 120 000 денари, додека за вонреден професор во висина од околу 108 000 денари. Затоа, цениме дека ако овој предлог закон може да ја регулира платата на директор на Агенција за Квалитет кој ќе добива три просечни плати во Македонија, тогаш треба да се утврди и висината на платите на наставниот и соработничкиот кадар во високото образование и тие да добијат плата по европски терк, рече Рамчиловиќ.

Тој вели и дека образованието во целина не преставува приоритет на Владата предводена од СДСМ говори и фактот што СДСМ наместо зголемување, постојано крати средства од буџетот.

-Лани СДСМ, по само еден месец власт одлучија да го скратат Буџетот наменет за образование за 1,5 милијарди денари. Ако се земе предвид владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006-та година до 2017 во континуитет го зголемуваше Буџетот за образование, за од некогашните 13 милијарди денари во време на СДСМ, да дојде на 25 милијарди денари во 2017 година, средства кои подеднакво се инвестираа во сите сфери на образовни. Да потсетам дека во време на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ оваа ставка растеше во континуитет. Ова е само еден дел од конструктивните амандмани на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои произлегуваат од реалните состојби во оваа област. ВМРО-ДПМНЕ стои зад своите предлози, бидејќи тие се издржани и се во насока на унапредувањето на образованието во Македонија, како еден од темелите кој ја гарантира иднината и развојот на државата. Жалиме што СДСМ немаше слух ниту за потребите, ниту за барањата на јавноста и се одлучи на ваков недемократски потег со кој се оневозможува унапредување на образованието, преку подобрување на текстот на предлог законот за високо образование, истакна Рамчиловиќ.

 

 

 

14.04.2018 - 13:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа