Ракометарите на Вардар ги почнаа подготовките за новата сезона

Ракометниот клуб Вардар ги почна подготовките за новата сезона, а на прозивката на тренерот Роберто Гарсија Парондо и неговиот помошник Дејан Периќ се јавија 16 ракометари. Само Иван Чупиќ беше отсутен поради приватни причини.  

Нови играчи сезонава во Вардар се голманот Дејан Милосављев, десниот бек Димитри Кисељов, левиот бек Сергеј Горбок и средниот бек Сташ Скубе, а на клупата за резерви се појави и Даниел Ѓорѓески кој по успешно завршената операција на лигаментите на коленото се очекува дури за неколку месеци да почне да игра.

- Го гледам Вардар на врвот исто како и досега, но ќе мораме тоа да го покажуваме од натпревар во натпревар. Очекувам да ја оправдам довербата која клубот ми ја укажа со ангажирањето. Свесен сум каде доаѓам, но ќе морам со секој нов меч да покажувам дека го заслужувам местото во овој клуб, изјави голманот Милосављев.

За Парондо ова е прва сезона како тренер на машката екипа, а минатата година го предводеше женскиот тим на Вардар и стигна до финалето на Лигата на шампионите. Тој воедно е дел и од стручниот штаб на машката сениорска репрезентација на Македонија.

- Ќе одиме чекор по чекор. Имаме тешка група во Лигата на шампионите, но и сезоната е долга. Има време за се. Имаме нови играчи, ќе треба сето да се вклопи и да најдеме најдобар баланс, изјави Парондо.

До крајот на месецот екипата ќе тренира во Скопје, по што се заминува на подготовки во Словенија. 

 

 

 

24.07.2018 - 23:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега