Раиф Мифтари е посредникот за лажни пасоши по кого трага полицијата

Скопјанецот Раиф Мифтари е лицето што се гони бидејќи посредувало за македонски пасоши со лажен идентитет на криминалци што биле членови на наркокартели, но и меѓународни банди, јавува „А1он“. Тој пред четири дена успеа да им избега на припадниците на МВР, кои ја спроведуваа акцијата, а во која беа уапсени десет лица. За него беше распишана локална потерница, а откога не е пронајден, Обвинителството издаде наредба за распишување меѓународна. Тоа значи дека постојат сомневања дека Мифтари е надвор од Македонија.

 

„Мифтари Раиф, од татко Емин и мајка Радифе, роден 14.11.1981 година во Скопје, каде што и живее на улица Клинска Леса. Се бара со наредба број 5 КО.БР.1126/21 од 9.4.2021 година од ОЈО Скопје за основано сомнение дека сторил кривично дело по член 353 од КЗ на РСМ“, стои во објавената потерница на МВР.

На шест уапсени лица во акцијата на МВР им е одреден и притвор како мерка на претпазливост. И на Мифтари му е одреден притвор, кој ќе се спроведе кога ќе биде пронајден.

Како што објави Обвинителството, првата кривична пријава се однесува на 215 незаконски издадени патни исправи, при што осомничените им овозможиле на странски државјани да стекнат патна исправа на Македонија под туѓ македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое му била издадена патната исправа. Притоа се користел идентитет на лица што живеат во дијаспората.

Со втората пријава, пак, се опфатени 4 незаконски издадени пасоши, при што искористени биле повеќе матични броеви издадени на 1 лице, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со цел да се креира нов идентитет, кој потоа со фотографија од лицето што бара пасош бил употребен за да се издадат нови незаконски патни исправи.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.04.2021 - 20:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега