Иако официјално грејната сезона завршува денеска, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која ги задолжи снабдувачите ЕСМ Снабдување, ЕСМ Енергетика и Енерџи Еколинк да продолжат со испорака на топлинска енергија и во следните два дена.
Одлуката е донесена врз основа на временската прогноза од УХМР, која најавува невообичаено ниски температури за овој период од годината.
„Целта е достигнување на високи стандарди во исполнување на јавната услуга снабдување со топлинска енергија за греење“, се посочува во соопштението од РКЕ.
Времето денеска во земјава е свежо со пообилни врнежи од дожд, а на планините се очекува и снег. Температурите ќе се движат од 10 до 18 степени, проследени со засилен северен ветер кој по Повардарието ќе надминува 60 километри на час.
Оваа одлука на РКЕ доаѓа како одговор на студениот бран кој ја зафати државата токму пред празничните денови.


