Радев за тврдењето на Борисов дека го снимал со дрон: Мојата фантазија сепак има граници

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска оцени дека најголема закана за Владата е токму премиерот Бојко Борисов.

– Никој не може подобро да ја дискредитира Владата од што може таа самата тоа да го стори – рече Радев од Перник, коментирајќи ги тврдењата на Борисов дека бугарскиот претседател го шпионирал со дрон.

На вчерашниот брифинг, откако анонимно беа објавени фотографии од Борисов како разголен спие во својата спална соба, бугарскиот премиер го обвини шефот на државата дека стои зад тој скандал и оти лично Радев го управувал дронот.

– Сум управувал авион, сум управувал и дрон. Не можам да толкувам сè што кажа Борисов, бидејќи за разлика од него, мојата фантазија сепак има некаква граница – рече Радев.

Во моментов, најважната работа, според бугарскиот претседател, е да се врати довербата на јавноста во општеството. Тоа е можно само преку вистината, пренесува БГНЕС. Радев додаде дека од тоа зависи иднина како правна држава, но главната улога тука ја има обвинителството, кое треба да ги испита објавените во медиумите аудио снимки и фотографии.

Тој уште категорично изјави дека борбата за власт се води меѓу политичките партии, а тој, како што рече, не влегува во кујната на политичките партии. Борисов е лидер на конзервативната „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ), а Радев дојде на претседателската функција со поддршка на Бугарска социјалистичка партија (БСП).

– Претседателот Радев ја премина границата и си дозволува да крене беспилотно летало и да ме фотографира – рече Борисов на вчерашниот брифинг со новинарите.

– Имаме систем да го урнат дронот, но тие одат, му кажуваат дека сум налутен и тој си го прибира – рече Борисов појаснувајќи дека Радев лично го управува дронот кој го добил на подарок од Кина.

Тој уште дополни дека според бојата на прекривките во неговата соба, фотографиите се направени пред евроизборите. На една од фотографиите се гледа како разголениот Борисов спие до шкафче во кое има купчиња банкноти од по 500 евра, а на другата се гледа и пиштол на шкафот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.06.2020 - 11:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега