Работни групи за решавање на спорот - Името отвори нов „фронт", се вмеша и грчката црква

 

Прашањето за името, позициите на Македонија и на Грција, како и  очекувањата за тоа какви промени ќе следат во регионот по решавањето на овој 25-годишен спор и натаму се главна тема во јавноста во двете држави.

Министерот Димитров во интервју за „Ројтерс“ информираше дека Македонија и Грција се согласиле да формираат работни групи, предводени од министрите за надворешни работи кои ќе бидат посветени на пронаоѓање решение за 25 годишниот спор со името.

- Јасно е дека идентитетот е мошне важен за нас. Мора да најдеме начин да ги убедиме нашите грчки колеги дека има јасна дистинкција меѓу нашата земја и нивниот регион, кој ја вклучува северна Грција - додаде Димитров, кој очекува првиот состанок да се одржи следниот месец. 

Шефот на македонската дипломатија истакна дека Македонија, која од 2005 година има статус на кандидат за членство, се надева оти в јуни ќе добие датум за почеток на преговорите, како и покана за членство во НАТО.

Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, пак, во интервју за радиото Солун 94.5., потенцираше дека промена на уставното име, употреба во внатрешноста на земјата и заложба Владата зад себе да го остави иредентизмот, се барањата од официјална Атина за постигнување решение.

- Нашата позиција е едно име, ерга омнес, што ќе се користи за сите, а нашите соседи ќе го користат во внатрешноста, односно ќе постои и промена на уставното име за да можеме да се најдеме во полето за решение - рече Ѕанакопулос.

Прашањето за името отвори и нов фронт во Грција, меѓу Владата и црквата. По одлуката на Светиот синод на Грчката православна црква дека во однос на прашањето за името не прифаќаат никаква употреба на терминот Македонија, грчкиот премиер Алексис Ципрас со одговор до поглаварот на ГПЦ архиепископот Јеронимос, дека државата е уставно одговорна за националните прашања, а црквата може да даде придонес.

- Пред се, со прашањето ќе управуваме со одговорноста што ни ја дадоа Уставот и изборот на грчкиот народ, во духот на дијалог и национално единство - му напиша Ципрас на Јеронимос.

Во дописот што претходно му го упати Јеронимос на Ципрас, соопштувајќи му го ставот на ГПЦ, побара грчкиот премиер во договорот за името да се погрижи и за името на црквата во кое не треба да биде вклучен терминот Македонија или изведените зборови.

Рускиот весник „Комерсант“, пак, вчера објави дека Македонија и Грција се близу до решавање на 25-годишниот спор што ќе доведе до сериозни геополитички промени на Балканот. 

- Во јули Скопје сигурно ќе добие покана за НАТО, а во 2019 година ќе стане 30-та членка на Алијансата - пишува „Комерсант“, посочувајќи дека конечниот договор може да се постигне веќе следната недела и оти земјата најверојатно ќе се нарекува Нова Македонија.

Владите во Скопје и во Атина од медијаторот Метју Нимиц на претстојната рунда разговори, закажана за 17 месецов во Њујорк, очекуваат инцијална рамка со која суштински ќе се напредне во надминувањето на разликите за името.

 

 

 

13.01.2018 - 09:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа