Путин: Русија ќе одговори ако НАТО воено ги зајакнува Шведска и Финска

Рускиот претседател Владимир Путин денеска предупреди дека Русија ќе одговори доколку НАТО почне да ја зајакнува воената инфраструктура на Шведска и Финска, кои одлучија да се придружат на алијансата поради конфликтот во Украина.

Путин постојано повторува дека проширувањето на НАТО кон исток по распадот на СССР е причина за нападот врз Украина. Говорејќи на состанокот на воената алијанса на поранешните советски држави, Путин рече дека САД го користат проширувањето на НАТО на агресивен начин со цел да ја влошат и онака тешката глобална безбедносна ситуација.

Русија, рече тој, нема проблеми со Финска или Шведска, така што нема директна закана поради проширувањето на НАТО кон тие земји.

„Но, проширувањето на воената инфраструктура во таа област секако би предизвикало наш одговор“, им рече Путин на лидерите на Организацијата од договорот за заедничка безбедност, која ги вклучува Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.

„Каков ќе биде (тој одговор), ќе видиме во зависност од тоа какви ќе бидат заканите“, рече Путин. „Без причина се создаваат проблеми. Ќе реагираме според околностите“, додаде тој.

Русија досега кажа многу малку за тоа што има намера да направи во случај на проширување на НАТО со Финска и Шведска.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, еден од најблиските сојузници на Путин, минатиот месец изјави дека Русија може да распореди нуклеарно оружје и хиперсонични ракети во Калининград.

16.05.2022 - 16:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега