Рускиот претседател, Владимир Путин, потпиша нов указ со кој им се отпишуваат долговите на новите регрути кои заминуваат во војната во Украина, како и на членовите на нивните семејства, соопшти Кремљ.

Оваа мерка е дел од тековните напори на Русија за зголемување на бројот на војници во конфликтот кој веќе трае повеќе од четири години.

Според официјалниот указ, лицата кои потпишале договор со руското Министерство за одбрана по 1 мај, како и нивните сопружници, можат да бидат ослободени од долгови до десет милиони рубљи (околу 120 илјади евра). За да важи оваа одлука, потребно е пред тој датум против нив да била започната постапка за наплата на долгови.

Дополнително, договорот за учество во т.н. „специјална воена операција“ мора да биде потпишан со времетраење од најмалку една година.

Сумата што може да биде отпишана приближно соодветствува на цената на мал стан од 35 квадратни метри во Москва. Ваквата мерка се надоврзува на веќе постојните бенефиции за руските војници, кои вклучуваат високи еднократни парични исплати и поволности при запишување на универзитети.

Истовремено, Путин потпиша и посебен указ со кој на сите учесници во војната им се продолжува правото на закуп на државно земјиште на неопределено време.

Во меѓувреме, состојбата на самиот фронт останува напната. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за ескалација, а украинските власти соопштија дека испраќаат дополнителни сили во северните региони поради стравувања од нова руска офанзива.

Мировните преговори кои во моментов се водат со посредство на Соединетите Американски Држави засега се наоѓаат во застој.

Exit mobile version